Tuesday, April 26, 2016

Класификација


Шумите се класификуваат на различни начини, зависно од потребната описност:
  • бореални шуми (тајги) присутни во субарктичкиот појас и начелно се или зизмзелени или листопадни.
  • во умерениот појас растат како широколисни, така и иглолисни шуми (умерени лисјари, умерени иглолисни и умерени дождовни шуми).
  • тропски и суптропски шуми: влажни, суви и иглолисни.
  • според севкупната физиологија и развојна фаза, шумите можат да се поделат на прашуми и вторични шуми.
  • шумите можат да се категоризираат и поконкретно според климата и најзастапените видови, па така имаме букови, моликови, брезови и др. шуми.
Според системот на УНЕСКО, постојат 26 главни видови на шуми, зависно од климатските услови и типовите на дрвја. Сите тие можат да се стават во шест покрупни категории: умерени иглолисни; умерени широколисни и мешани; тропски влажни; тропски суви; реткодрвни и разбиени предели; и шумски насади. Подолу е опишана секоја категорија.

Умерени иглолисни шуми

Умерените иглолисни шуми ги заземаат повисоките подрачја на северната полутопка како и високите места во извесни умеренотопли области, особено на сиромашни почви. Овие шуми се целосно (или речси целосно) составени од иглолисни дрвја (четинари). На северната полутопка тие се: борот, смреката, аришот, елата, дуглазијата и цугата, но има и други поважни таксони. На јужната полутопка, највеќето четинари (араукарии и ножноплодни) растат во мешавина со широколисни дрвја и се класификуваат како широколисни и мешани шуми.

Умерени широколисни и мешани шуми

Умерените широколисни и мешани шуми се претежно својствени за потоплите умерени појаси, но сепротегаат и во свежите умерени краишта, особено на јужната полутопка. Вакви се мешаните листопадни шуми на САД, Кина и Јапонија, широколисните зимзелени (т.е. вечнозелени) дождовни шуми во Јапонија, Чиле и Тасманија, тврдолисните шуми во Австралија средно Чиле, во Средоземјето и во Калифорнија, како и јужнобуковите шуми на Чиле и Нов Зеланд.

Тропски влажни шуми

Постојат многу видови на тропски влажни шуми, од кои најраспространети се низиснките зимзелени широколисни дождовни шуми, како што се варзејата и игапото и сувоземните шуми на Амазонската Низина; тресетноблатна шума, двокрилноплодните шуми во Југоисточна Азија; и горските шуми во сливот на реката Конго. Тука спаѓаат и планинските шуми, кои се делат на високопланински и нископланински, зависно од разликите во физиономијата.

Тропски суви шуми

Тропските суви шуми се својствени за тропските подрачја со сушна сезона. Бидејќи врнежите се сезонски, дрвјата немаат листови неколку месеци во годината. Постојат и други услови (на пр. посиромашна почва, понепредвидливи суши) каде се јавува поголема застапеност на зимзелените видови и овие шуми се нарекуваат „тврдолисни“ (слерофитни). Сувите трнливи честаци се густи шуми со мал раст и голема густина на жилави трнливи растенија и виреат онаму каде сушите се подолготрајни и каде има тревопасни животни и брстачи. На многу сиромашна почва, особено во предели со мошне чести пожари, се јавува дрвенеста савана.

Реткодрвни предели


Реткодрвните предели се шуми чии крошни покриваат од 10% до 30% од шумското подрачје. Се јавуваат највеќе во места кајшто шумските предели преоѓаат во нешумски. Две поголеми области кајшто се јавува овој екосистем се бореалното и сезонски сувото тропско подрачје. Во високите предели, северно од бореалната растителност/тајгите, условите не се поволни за да се одржи постојаноста на дрвата, па така тие стануваат сè пооддалечени едно од друго. Ваквата вегетација се нарекува тајга, отворени лишајни шумски предели или шумска тундра. Сиромашни се со видови, а доста обраснати со мовови. Пожарите се честа појава.

Шумски насади

Шумските насади се човечки-создадени шуми за добивање на дрвна маса и други производи. Обично се состојат од еден тип на дрво од доведен или автохтон вид. Сами по себе тие помагаат во раззеленувањето на планетата, но немаат еколошко значење за живиот свет околу себе. Постојат потфати за нивно подобрување за да се вклопат во околниот екосистем и да играат поважни улоги како одржувачи на фондот на хранливи материи, заштита на сливни подрачја, запазување на целовидноста на земјиштето (заштита од одрони) и како впивачи на јаглеродот.